Значењето на хранењето на враните за време на ритуалот Шрада во Питрупакша

Кратко резиме : Дали знаевте дека можете да им помогнете на вашите преминати предци во животот по смртта? Оваа статија објаснува зашто колвењето на враните на ритуалната храна што им се дава на преминатите предци за време на ритуалот Шрада може да значи дека им се помага.

Значењето на хранењето на враните за време на ритуалот Шрада во Питрупакша

Содржина

1. Важноста на духовната помош за нашите преминати предци особено за време на Питрупакша (периодот од две недели за суптилните тела на преминатите предци)

Многу луѓе не знаат дека всушност можат да интервенираат и да им помогнат на своите преминати предци во животот по смртта.

Ова е особено така во текот на двете недели за преминатите предци (популарно познати како Питрупакша). Тоа е период кој паѓа во есента на северната хемисфера и е време кога суптилните тела на нашите преминати предци се приближуваат најблиску до Земјата или физичката рамнина на постоењето. Обврската за помош на нашите преминати предци лежи директно на нас, потомците.

Се вели дека периодот помеѓу смртта и следното раѓање за суптилното тело на преминатиот предок е како периодот што нероденото дете го поминува во утробата. Како што се води грижа за здравиот раст на плодот во утробата, така и за преминатите предци мора да се води грижа преку разни духовни ритуали, а еден од нив е и ритуалот Шрада.

Некои од вас можеби се прашуваат – „Зошто на моите преминати предци им треба помош во животот по смртта?“

Всушност, на огромното мнозинство од нашите преминати предци им треба помош во животот по смртта.

Во сегашната ера, повеќето преминати предци имаат многу желби кога ќе умрат, а им недостасува духовна енергија. Ова првенствено се должи на недостатокот на соодветна духовна пракса или на редовна духовна пракса додека живееле. Богатството, славата, образованието и слично немаат вредност во животот по смртта. Единствените нешта што се вредни во животот по смртта се духовната енергија на суптилното тело кое е директно поврзано со духовното ниво и делата (кармата) на личноста додека е на Земјата. Повеќето од нашите преминати предци се на ниско духовно ниво. Како резултат на тоа, нивните суптилни тела, откако ќе излезат од рамнината на постоењето на Земјата движејќи се низ регионот на мртвите (Мартјалока), ја немаат потребната духовна сила да стигнат до нивната крајна дестинација, а тоа е обично регионот на чистилиштето (Бувалока).

На ова патување, тие обично доживуваат многу неволји поради световните желби и се подложни на напади од негативни енергии. Тие бараат духовна помош од нас, потомците, за да им го обезбедиме неопходно потребниот импулс за нивните понатамошни патувања во животот по смртта.

Важна забелешка: Помагањето на нашите преминати предци ни помага и нам, затоа што ако правиме ритуали за да им ја дадеме потребната духовна енергија за да продолжат да одат напред во животот по смртта, помала е веројатноста да нè вознемируваат во нашите животи. Тоа е и од гледна точка на нивната потреба да им се помогне и од гледна точка на задоволување на нивните световни желби преку потомството.

2. Работи што можете да ги направите за да им помогнете на вашите преминати предци

Постојат две работи што можете да ги направите за да им помогнете на вашите преминати предци во животот по смртта

  • Пеење на името на Шри Гурудев Дата : Оваа пеаница за духовна заштита служи за две намени. Нам (потомците) ни обезбедува духовна заштита од проблемите предизвикани од суптилните тела на нашите преминати предци, а ним им ја обезбедува духовната енергија која ќе им даде импулс во животот по смртта.
  • Изведување на ритуалот Шрада : Исто така, се препорачува и изведување на ритуалот Шрада. Ова се специфични обреди направени за да се намалат световните желби на преминатите предци и да им се обезбеди духовна енергија за нивните патувања во животот по смртта. За повеќе детали видете ја нашата статија за Шрада.

Важно е да се напомене дека за време на Питрупакша (периодот од две недели за преминатите предци), 50% од духовните придобивки доаѓаат од пеењето на „Шри Гурудев Дата“, а останатите 50% од изведувањето на ритуалот Шрада.

3. Враната која се храни од ритуално понудената храна направена за време на ритуалот Шрада – еден од начините на кој знаеме дека им е помогнато на нашите преминати предци

Некој може да се запраша дали овие ритуали им помагаат на нашите преминати предци во животот по смртта. Единствениот начин вистински да се знае ова е преку напредното шесто сетило кога човекот е способен да види што се случува во суптилното. Сепак, постојат и некои физички показатели дека им е помогнато на нашите преминати предци.

За време на ритуалот Шрада се прават три работи –

  1. Ритуална понуда на вегетаријанска храна (Наиведја),
  2. Ритуална понуда на топчиња од ориз (Пинда-дан) и,
  3. Ритуална понуда на вода (Тарпан).

Меѓутоа, откако ќе заврши ритуалот Шрада, Наиведја се става надвор на земја за да се нахранат враните. Ако дојдат врани и ја колваат храната, тоа е показател дека на преминатите предци им се помогнало.

Ако мислите дека ова е невообичаено – да, навистина ѐ, но да погледнеме како духовната наука го објаснува овој настан и зошто се случува таков настан. Со векови, оваа традиција претежно се следи во Индија и оние со способност за суптилна перцепција всушност гледаат како преминатите предци добиваат духовни придобивки.

3.1 Кое е значењето на ритуалот на нудење вегетаријанска храна за време на ритуалот Шрада?

 Ритуал на нудење пинда (топчиња од ориз) за време на Шрада

Ритуалите на нудење на Наиведја, на Пинда-дан и на Тарпан на починатите предци се важен дел од ритуалот Шрада. Целта на овие ритуали е да се обезбеди духовна енергија на суптилните тела на нашите преминати предци а воедно и да се намалат нивните желби. Ова се постигнува со нудење на храна и на вода кои се духовно наполнети со специфични мантри. На ефикасноста на овие ритуали влијаат голем број фактори поврзани со свештеникот-претседавач, главниот потомок кој го изведува ритуалот, местото каде што се спроведува, како и кармата (судбината) и духовното ниво на преминатите предци за кои е наменет. Овие фактори го вклучуваат следново :

  • Духовно ниво и духовна емоција на сите учесници во ритуалот : Бав (духовна емоција) е замена на „јас“ во нечиј живот со свесност за постоењето на Бог или Гуру со еднаков интензитет. Тоа значи да се има постојана свесност за Бога. Колку е поголемо духовното ниво на свештеникот-претседавач и главниот потомок, толку е поголема духовната корист. Секој ритуал станува поефикасен кога се прави со духовна емоција. Духовното ниво и духовната емоција, исто така, влијаат на одлучноста на главниот потомок за време на ритуалот, духовната енергија создадена преку ритуалите да се насочи кон преминатите предци.
  • Исправноста на изведбата на ритуалот според светите списи : Како што постојат принципи и точни методологии во материјалните науки, така, постои и егзактна духовна наука и методологија во спроведувањето на таквите ритуали.
  • Духовната чистота на местото : Ако местото е духовно нечисто, тогаш ефикасноста на ритуалот се намалува, а духовната придобивка е помала.
  • Нападите од страна на негативните енергии : Многу често, негативните енергии ги искористуваат прекумерните световни желби на нашите преминати предци за да ги контролираат, и не сакаат да ја изгубат контролата над нив. Поради недостатокот на духовна енергија, суптилните тела на преминатите предци не можат да се одбранат. Негативните енергии можат да го попречат ритуалот Шрада, за да ги спречат преминатите предци да добијат духовни придобивки од ритуалот.

3.2 Како да се подготват пинда (топчиња од ориз) за ритуалот Шрада?

Следат чекорите за подготовка на пинда (топчиња од ориз) за ритуалот Шрада.

  1. Сварете го оризот во вода или на пареа. Можете да користите било каков вид на бел ориз. Кафеавиот ориз не треба да се користи.
  2. Измешајте подзасирено млеко, ги (прочистен путер од млеко на индиска крава), мед и црн сусам во мали пропорции со сварениот ориз и направете пинда (топчиња ориз) со големина на лимон користејќи ја смесата. Пиндита (топчињата од ориз) треба да бидат прилично цврсти и добро врзани заедно.
  3. Ако некој подготвува посебен оброк за ритуалот Шрада, тоа мора да биде задолжително чист вегетаријански оброк. Може да се земе многу мала количина од секое јадење што го сочинува оброкот и да се измеша со веќе подготвената смеса од ориз, а потоа од тоа се прават пинди (топчиња од ориз).
  4. Би било идеално пиндите (топчињата од ориз) да се стават на дарба. Дарба (ботаничко име: Desmotachya bipinnata) е еден вид долга сува трева (која е духовно чиста) и се користи во обреди и ритуали како што е Шрада за суптилните тела на преминатите предци. Дарбата треба да биде поставена во правец север-југ. Ако немате дарба, топчињата од ориз можете да ги ставите на лист од банана. Ако и тоа не е достапно, пиндита (топчињата од ориз) може да се чуваат на чиста бела хартија.

3.3 Како да се подготви вегетаријански оброк (Наиведја) за ритуалот Шрада?

Како симболична понуда за преминатите предци може да се подготви едноставен, чист вегетаријански оброк. На пример, во Индија, оброкот се состои од – ориз, кари од зеленчук, пурис (вид пржен индиски леб), сурутка (јогурт), дала (индиска мешунка), кисели краставички и слатко јадење.

3.4 Како да се подготви понудата на вода (Тарпан) за ритуалот Шрада?

За ритуалната понуда на вода за суптилните тела на преминатите предци, треба да се понуди вода помешана со црн сусам. Прочитајте ја нашата статија за Шрада за да дознаете повеќе.

3.5 Какво е објаснувањето на духовната наука за тоа како нашите преминати предци имаат духовна корист од понудата?

Проблем : Повеќето преминати предци, поради недостатокот на духовна пракса, се на ниско духовно ниво и имаат многу неостварени световни желби и приврзаности. Овие неостварени желби и приврзаности заедно со ниската духовна енергија ги прават нивните суптилни тела многу тешки и неспособни да ја напуштат рамнината на постоењето на Земјата во нивните понатамошни патувања кон други суптилни региони како што е Чистилиштето. Поради световните желби и приврзаности тие, исто така, се подложни на напади од негативните енергии кои ги потчинуваат за да ги искористат нивните потомци за исполнување на сопствените зли намери, како што е користењето на телата на потомците за искусување на разни зависности, секс, повредување на другите, ширење духовна нечистотија (Раџа-Тама), итн.

Решение : Ритуалите Наиведја, Пинда-дан и Тарпан се создадени за да се надмине овој духовен проблем и да им се помогне на преминатите предци да ги намалат своите желби, притоа обезбедувајќи им духовна енергија за нивното понатамошно патување. Ритуалите обезбедуваат и заштита од нападите на негативните енергии.

Духовната наука која стои зад решението :

Божеството на смртта познато како Јамдев е божеството-претседавач на преминатите предци. Со изведувањето на ритуалот Шрада се повикува енергијата на Јама брановите (енергијата на божеството на смртта) во универзумот (Брахманда) за да се даде импулс на суптилните тела на преминатите предци. Ова е олеснето со пеење на Името на божеството Дататреја – II Шри Гурудев Дата II.

Енергијата генерирана од пеењето на Шри Гурудев Дата заедно со молитвите до божеството Дататреја, помага да се извлечат Јама брановите во Универзумот поврзани со суптилните тела на преминатите предци и ги привлекува во орбитата на Земјата за да добијат духовна корист од ритуалот Шрада. На тој начин, многу суптилни тела на преминатите предци кои се заробени во регионот на мртвите (Мартијалока) можат да влезат во орбитата на Земјата. Благодарение на ова, тие можат да добијаат корист од ритуалот Шрада кој на Земјата го изведуваат нивните потомци, бидејќи ритуалот им обезбедува Јама бранови за импулс во нивното понатамошно патување.

Кога овие активни Јама бранови се повикуваат во ритуалот Шрада, се активира просторот околу суптилните тела на преминатите предци. Потоа, со моќта на овие Јама бранови, суптилното тело се движи кон следната фаза од своето патување во животот по смртта. Ова е познато како постигнување на Садгати на суптилното тело на преминатиот предок (што е импулс во неговото патување кон Бога). Практично, за суптилното тело на преминатиот предок, ова може да значи едно или повеќе од следниве :

  • Намалување на желбите, па затоа го прави полесен за неговото натамошно патување
  • Намалување на духовната вознемиреност
  • Намалување на кармичката сметка за давање и земање што ја има со своите потомци
  • Добивање на духовна енергија за преминување во подобро ниво на постоење

За време на ритуалот Шрада, се нудат Наиведја и Пинда (топчињата од ориз) заедно со Тарпан (вода), а преминатите предци се повикуваат преку мантри и молитви. (Имајте предвид дека Наиведја им се нуди на божествата-претседавачи на ритуалот Шрада и поради нивните благослови нашите преминати предци ја добиваат духовната корист.). Преминатите предци кои се повикуваат и на кои им е потребна помош се доминантно Раџа-Тама, што значи дека испуштаат духовно нечисти вибрации. Тоа во голема мера се должи на фактот што тие се на пониско духовно ниво и имаат многу световни желби. Како резултат на тоа, кога ќе пристигнат на местото на Шрада каде се принесуваат понудите, целата околина се исполнува со Раџа-Тама вибрации или духовно вознемирувачки вибрации. Следствено, Наиведја, Пинда (топчињата од ориз) и Тарпан исто така се исполнети со Раџа-Тама вибрации.

Сега, некои можеби се прашуваат како обичните понуди од храна и вода помагаат да се намалат различните желби што може да ги имаат нечии преминати предци. Причината е што оваа, иако само едноставна храна и вода, е наполнета со енергијата на мантрите, енергијата на пеењето на Шри Гурудев Дата и духовната емоција на потомокот кој го изведува ритуалот Шрада. Наиведјата понудена за време на Шрада ја консумираат суптилните тела во форма на принципот на апсолутниот воздух и на тој начин тие се задоволени. Дополнително, специфичниот состав на храната, на пример, ориз, црн сусам итн., го олеснува привлекувањето на суптилните тела на преминатите предци и пренесувањето на духовната енергија на нив. Секое оризово топче (во Пинда) понудено за време на Махалаја Шрада, за време на Питрупакша, е наменета конкретно да му помогне на одреден преминат предок од семејната лоза (како што е споменато во Светите списи). Токму поради оваа причина, во ритуалот на Пинда-дан се нудат одреден број топчиња од ориз..

Кое е значењето на црниот сусам во Пинда (топчињата од ориз)?

Семките од црниот сусам претежно емитираат Раџа-Тама (духовно нечисти) бранови. Мантрите што се рецитираат за време на Шрада ја будат доминантната Раџа-Тама (духовно нечиста) енергија во црниот сусам и помагаат да се привлечат суптилните тела на преминатите предци, кои се претежно Раџа-Тама, во рамнината на Земјата. Овој процес им олеснува на суптилните тела да стигнат до местото на Шрада и тие се носени од предоминантните Раџа-Тама (духовно нечисти) бранови, кои ги емитираат семките од црниот сусам. Враните исто така се привлечени од овие Раџа-Тама (духовно нечисти) бранови кои се наоѓаат во понудената храна. Поради брановите што ги емитираат семките од црниот сусам, околу суптилните тела на преминатите предци се активира суптилната обвивка на желбите и тие стануваат задоволни откако ќе го изедат својот дел во Шрада.

Па, како враната се вклопува во оваа сцена?

Враната е посебна птица во однос на аспектот на смртта и суптилните тела на преминатите предци поради неколку причини :

  • Јама вибрациите се присутни кај заминатите предци, а истите Јама вибрации се вродени кај враните.
  • Враната е исто така претежно Раџа-Тама, исто како и преминатите предци на кои им е потребна помош. Црната боја на враната укажува на нејзината Раџа-Тама природа.
  • Враната има суптилна способност да ги гледа/чувствува суптилните тела на преминатите предци.
  • Поради нивните соодветни вибрации, преминатиот предок може да влезе во враната и да го искористи нејзиното тело за да се послужи физички од храната и водата, така добива духовна енергија од неа.
  • Дополнително, бидејќи физичкото тело не постои по смртта, процентот на апсолутниот принцип на земјата во обвивката околу суптилното тело се намалува, а учеството на апсолутниот принцип на водата се зголемува. Па така, обвивката околу суптилното тело на преминатите предци содржи висок процент на суптилна влажност. Апсолутниот принцип на водата во суптилната обвивка околу враната, исто така, е предоминантен, што го олеснува влегувањето на суптилното тело (со предоминантен принцип на вода) во телото на враната.

3.6 Кое е духовното значење на хранењето на враната за време на ритуалот Шрада?

Овој дел објаснува како преминатиот предок добива духовна корист од понудената храна преку враната.

За време на Питрупакша (периодот од две недели за суптилните тела на преминатите духови на предците и ритуалот Шрада), враните стануваат поактивни. Честопати, тие можат да се слушнат како гласно гракаат и се собираат во поголем број. За време на извршувањето на ритуалот Шрада, повиканите преминати предци пристигнуваат на местото на настанот, а Наиведја и Пинда се полнат со Јама бранови и Раџа-Тама вибрации. Враната ја привлекуваат овие Јама бранови и Раџа-Тама вибрации и доаѓа во таа област бидејќи има слични вибрации. По Шрада, Наиведја (храната) понудена на преминатите предци преку божествата и Пинда (топчињата од ориз) се потопуваат во вода што тече. Меѓутоа, постои посебна Наиведја што се чува настрана само за враните. Откако ќе заврши ритуалот Шрада, таа се чува надвор од куќата за да можат враните да се послужат со неа.

Во овој момент, можни се две сценарија во врска со колвењето на враните :

  • Едното е кога преминатите предци немаат доволно духовна енергија, па за да се почестат од понуденото треба да влезат во телото на врана.
  • Другото е кога преминатите предци имаат доволно духовна енергија, па се способни директно да ја искористат духовната корист од храната преку суптилни средства. Ним не им е потребен медиумот на врана бидејќи се способни директно да ја апсорбираат потребната духовна енергија.

Брзината на враната што доаѓа кон Наиведја наликува на брзината на суптилното тело што влегува во орбитата на животната средина на Земјата, по повикувањето направено за време на ритуалот Шрада. Враната што колве во Наиведја укажува на тоа дека суптилното тело на преминатиот предок е задоволено на двете нивоа – на физичко ниво со јадењето на понудената храна во Наиведја преку медиумот на врана и на суптилно ниво со впивање на суптилните гасови што излегуваат од храната. Ова им дава енергија на суптилните тела на преминатите предци за да продолжат со своето понатамошно патувањо во животот по смртта. На тој начин, враната за време на ритуалот Шрада е медиум помеѓу суптилните тела на преминатите предци кои имаат неостварени желби и нивните потомци.

3.7 Што значи ако враните не ја колваат понудената храна по ритуалот Шрада?

Понекогаш при извршувањето на ритуалот на принесување на Наиведја враните не ја колваат понудената храна. Подолу се наведени неколку сценарија зошто тоа може да се случи.

  1. Ако преминатиот предок е незадоволен од потомците затоа што не постапиле според неговата желба или поради некоја друга причина, тогаш суптилното тело на преминатиот предок што се повикува испушта разорни бранови што ги плашат враните. Во таков случај, дури враните и да кружат наоколу, тие нема да дојдат и да колваат од понудената храна.
  2. Негативните енергии, исто така, можат да ги спречат суптилните тела на преминатите предци, кои ги поробиле, да добијат духовната корист од ритуалот преку медиумот на враната.
  3. Понекогаш, поради многуте неисполнети желби и приврзаности, преминатите предци се спротивставуваат на каква било помош да ја напуштат рамнината на Земјата. За жал, желбите на овие преминати предци се како јама без дно и никогаш нема да се исполнат/задоволат. Затоа, тие секогаш се несреќни. Суптилните тела на таквите преминати предци постојано лебдат околу понудената Наиведја, но не земаат духовна корист од неа. Бидејќи тие не заминуваат, враната, која ја има оваа суптилна способност, ги гледа како лебдат и не доаѓа да ја колве Наиведјата.
  4. Кога се нуди Наиведја, заедно со преминатите предци, може да дојдат и други суптилни тела. Овие суптилни тела може да бидат од добронамерници, но и од непријатели на семејството. Ако има повеќе суптилни тела од непријателите, тие нема да и дозволат на враната да дојде и да ја колве Наиведјата, бидејќи не сакаат преминатите предци да земат духовна корист од неа.
  5. Ако мнозинството од преминатите предци се трагачи кои редовно вршеле духовна пракса и се на повисоко духовно ниво, тогаш тие не се зависни од враната. Тие се способни да добијат духовна корист од понудената храна директно преку суптилни средства. Исто така, на суптилните тела на таквите предци им помагаат божествата, позитивните енергии и Бог. Поради позитивната духовна енергија создадена околу таа област, враните во кои доминираат вибрациите Раџа-Тама (духовно нечисти) се држат подалеку од неа.

3.8 Колку долго трае ефектот од храната што им се нуди на преминатите предци?

Ефектот на храната што им се нуди во периодот од две недели на преминатите предци трае една година. Заради тоа, се препорачува секоја година да се изведува Махалаја Шрада за нашите преминати предци. Постојат многу видови на Шрада. Меѓутоа, Махалаја Шрада е вид на Шрада што се изведува за време на периодот Питрупакша (период од две недели за суптилните тела на преминатите предци) секоја година.

3.9 Што да направите ако нема врани во вашата област?

Понекогаш луѓето можат да живеат во предели каде што климата е екстремна и нема врани наоколу, како што се пустините или екстремно студените области. Во овој случај, може да се направи ритуалот Шрада, да се понуди храна и да се направи молитва за да можат преминатите предци да добијат духовна корист преку суптилни средства. Тука е важна духовната емоција на потомокот кој ја нуди храната.

3.10 Што треба да се направи ако храната (Наиведја за врана) не се изеде?

Идеалното време за нудење на Наиведја е попладне. Ако Наиведјата понудена на враните остане недопрена, треба да се почека до зајдисонце и потоа да се фрли на следниве начини :

  • Да се пушти во проточна вода.
  • Ако тоа не е можно, треба да се закопа во земја или во градина до растението Тулси (Свет босилек) ако е можно.
  • Ако и тоа не е можно, треба да се направи молитва за благодарност, да се стави во чиста кеса и да се фрли во корпата за ѓубре.

3.11 Што да правиме ако не можеме да го направиме ритуалот Шрада со помош на свештеник и соодветни мантри?

Некои од читателите на оваа статија можеби немаат пристап до свештеници кои можат да го извршат ритуалот Шрада. За такви случаи дадовме неколку едноставни чекори во нашата главна статија за Шрада. Имајте на ум дека духовните емоции на потомците се клучен елемент во пружањето помош на преминатите предци преку сето она што можат да го направат како дел од ритуалот Шрада. Исто така, пеењето на Шри Гурудев Дата неверојатно многу им помага на заминатите предци. Затоа, не се обесхрабрувајте ако не можете да добиете свештеник за сложениот ритуал Шрада.

И покрај тоа, ве молиме напрабете го ритуалот Шрада според вашиот капацитет, бидејќи ова е еден од главните начини да им помогнете на суптилните тела на вашите преминати предци во животот по смртта. Шрада е ритуал што е надвор од секоја култура и зад себе има духовна наука. Од друга страна, вообичаените практики како што се поставувањето цвеќе и венци на спомен плочата (гробот) или околу сликата на покојникот не му носат никаква духовна корист и, всушност, се штетни за неговото понатамошно патување во животот по смртта. Питрупакша доаѓа еднаш годишно. Ве молиме искористете го тоа како за духовната корист на вашите преминати предци така и за вашата духовна корист. Во секој случај, колку што е можно повеќе, пејте ја пеаницата Шри Гурудев Дата во текот на целиот период на Питрупакша.

4. Заклучок

Ритуалот Шрада е важен не само за нашите преминати предци, туку и за нас потомците бидејќи не заштитува од проблемите предизвикани од нив. Изведувањето на Шрада ја ослабува суптилната обвивка на желбите околу суптилните тела на преминатите предци. Со моќта на енергијата на мантрите, ритуалот ги прави суптилните тела на преминатите предци полесни и им дава импулс во животот по смртта. Враните што колваат по Наиведја се опиплив доказ за фактот дека нашите преминати предци имале корист и дека сме придонеле за нивната благосостојба во животот по смртта. Со помош на враната што доаѓа да колве по Наиведја, имаме можност опипливо да му пристапиме и да му помогнеме на преминатиот предок во животот по смртта. Секоја врана што ќе дојде да колве по Наиведја може да претставува некој од нашите мили преминати предци и ние чувствуваме задоволство од сознанието дека сме им помогнале. Им благодариме на мудреците од древните времиња што ни го дадоа ова знаење и метод за помош на нашите преминати предци.